
Утре дожд и слаб снег – температурите во опаѓање
Утре уште од утринските часови се очекува повремен дожд, а на планините слаб снег, особено во северните и источните делови од државата, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи – дожд во пониските предели, додека на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег, кој повремено може да се спушти и на пониските места. Во ноќните часови слаб снег е можен и во планинските региони.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој претпладне, особено долж Повардарието, повремено ќе засилува. Дневните температури ќе бидат пониски за 3 до 5 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен слаб дожд, а на повисоките делови и слаб снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер кој повремено ќе засилува.
Според прогнозите на УХМР, врнежите ќе придонесат за зголемување на снежната покривка, особено на северозападот, а подоцна и на исток и на повисоките места. Во наредните денови ќе преовладува сончево време со ниски утрински температури.

