
Уцена од затвор! Осуденици изнудувале пари од мајка на затвореник – покрената кривична против четворица скопјани!
Осуденици од скопскиот затвор „Идризово“ од ќелија креирале шема на уцени и лихварство! Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека поднесена е кривична пријава против четири лица од Скопје, поради сомнение за тешки кривични дела – „изнуда“ и „лихварство“.
Според полицијата, А.Б. (31) и А.Р. (25), кои веќе издржуваат затворски казни, преку илегално внесени мобилни телефони и користејќи ја апликацијата „Facebook Messenger“, во текот на април и мај барале од мајка на друг затвореник да им исплаќа месечен износ од 1.200 евра. Во замена ѝ ветувале дека нејзиниот син ќе биде „заштитен“ во затворот.
Но, уцената била придружена и со закани: за време на видео повици, жената била сведок на насилно однесување кон нејзиниот син, со што биле вршени сериозни психолошки притисоци.
На 23 мај, браќата на уценувачите – Е.Б. (27) и Р.Р. (20) – дошле во Струмица за лично да ги земат парите. Парите биле однапред обележани од полицијата. Во моментот кога Е.Б. ги примил парите, бил уапсен, додека Р.Р. се обидел да побегне, но бил фатен за кратко време.
При апсењето кај Е.Б. биле пронајдени пари во различни валути и апоени за кои немал документација, по што тие му биле одземени. Истовремено, во „Идризово“ биле извршени претреси кај А.Б. и А.Р., при што биле запленети два мобилни телефони.
Против сите четворица е поднесена кривична пријава. Судот во Струмица на Е.Б. и Р.Р. им одреди мерка куќен притвор, додека истрагата продолжува.