
ТРИ КРИТИЧНИ ТОЧКИ ВО ГРЦИЈА – пожарите доведоа до масовни евакуации, туристи спијат на аеродроми, пожарникарите на крајот на силите
По масовната евакуација на жителите и туристите од островот Родос, денеска почна евакуацијата и од грчките острови Крф и Евија, каде избувнаа и невидени шумски пожари. Во моментов пожарникарите во Грција гаснат 82 пожари, а метеоролозите ја објавија најлошата можна вест – се очекува температурите повторно да достигнат до 44 степени, а во Егејското Море ќе дува силен ветер. Кога станува збор за српските туристи, Александар Сеничиќ, директор на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (ЈУТА), за „Нова“ посочува дека сите се безбедни.
Грчките власти издадоа и наредба за евакуација на Крф, а на снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како чад го голта островот. Пожарот избил во северниот дел на островот, кој е популарен меѓу туристите.
Луѓето од областите Санта, Мегула, Порта, Палија, Перитија и Синиес беа принудени да се евакуираат. Властите испратија чамци за да ја олеснат евакуацијата по море. Пожарот избувна и на островот Евија, но зафати многу помала површина од оние на Крф и Родос.
Повеќе од 260 пожарникари работат на гаснење на пожарите на југот и западот на островот Родос во Егејското Море, каде во текот на викендот беа евакуирани десетици илјади туристи за време на најголемата операција од ваков вид во Грција. Според грчкото Министерство за климатски промени и цивилна заштита, тоа е „најголемата евакуација поради шумски пожари“ во грчката историја.
Во Грција температурите со денови надминуваат 40 степени, а веќе една недела во некои области беснеат пожари.
Ветровите и огнениот фронт долг девет километри од центарот на островот до источните плажи создадоа екстремни услови, изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакојани. Некои туристи пешачеа километри во жештината за да стигнат на безбедно, а животински трупови можеа да се видат во близина на изгорени автомобили.
Како и секое лето, Грција е зафатена од шумски пожари, често смртоносни, кои опустошуваат десетици илјади хектари шуми и вегетација.
Летово земјата го доживеа еден од најдолгите топлотни бранови во последните години, според експертите од Националната метеоролошка служба (EMY), со температури до 45 степени.
Нова.рс
Фото: ЕПА

