
Татко и пет сина загинаа во страшен пожар во Австралија: Мајката успеала да побегне!
Еден маж и неговите пет синови загинаа во пожар што рано утринава ја зафати нивната куќа во австралиската држава Квинсленд, соопшти локалната полиција.
Мајката на петте момчиња кои загинаа успеала да побегне неповредена од семејниот имот на островот Расел, мала заедница на околу 60 километри југоисточно од Бризбејн, изјави полицискиот началник Мет Кели, пренесе Ројтерс.
„Таа е преплашена и емотивно вознемирена во овој момент“, им рече Кели на новинарите во блискиот град Редленд Беј, потврдувајќи дека жената „го изгубила целото семејство“.
Противпожарната и спасувачката служба на Квинсленд соопшти дека куќата се урнала од пожарот, а пожарот се проширил и во некои блиски населби.
На девет лица им била укажана помош на местото на настанот, а тројца се пренесени во болница, соопшти службата за брза помош во Квинсленд. Најмалку 20 пожарникари го гаснеа пожарот, јави медиумската компанија ABC.
