ТАЧЕ ПРИЗНА КАДЕ Е СЕГА СДСМ „Од четврто или петто место треба да се вратиме на врвот“

СДСМ веќе не се бори за првото место од втората позиција, туку се соочува со многу посериозен предизвик за враќање на релевантноста, вели поранешниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Говорејќи за позицијата во која се наоѓа партијата по последните избори Ковачевски посочи дека изборниот резултат во урбаните средини е алармантен сигнал за новото раководство. Според него, партијата во големите градови завршила на третото или дури четвртото место, што е историски низок резултат.
– Во Скопје веќе не се враќаме од второ место на прво. Сега се враќаме од четврто или петто место кон врвот. Тоа значи дека пред ова раководство има огромна работа во креирање политики и анимирање на членството – истакна тој во гостување на 4ТВ.
Како една од главните причини за ваквата состојба, Ковачевски ја наведе поделеноста на политичкиот простор кој традиционално му припаѓаше на СДСМ. Рече дека гласачкото тело на левиот центар сега е поделено меѓу четири различни политички субјекти: СДСМ, Левица, ЗНАМ и ЛДП.
– Сите овие партии адресираат еден ист политички простор. Центар-лево е фрагментиран простор на кој ќе треба многу да се работи, особено на идеолошкото поставување – посочи тој.
Според Ковачевски, социјалдемократите се наоѓаат пред период на длабока реформа. Тој смета дека за враќање на СДСМ на повисоките места на политичката сцена не е доволна само механичка работа на терен, туку суштинско редефинирање на партиската идеологија, за да се обедини распарченото гласачко тело.
.