
Стотици зелени проекти заглавени во Европа – истите предизвици и за МЕПСО
Недостатокот на мрежни приклучоци веќе блокира или одложува најмалку 1.500 проекти за чиста енергија ширум Европа. За да ги постигнат климатските цели, земјите ќе мора да инвестираат околу 700 милијарди долари во модернизација и проширување на електропреносните мрежи.
Слични проблеми има и Македонија. Според Планот за развој 2025–2030 на МЕПСО, интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ) е сериозен предизвик поради влијанијата што ветерните и фотоволтаичните централи ги имаат врз преносниот систем. Како главни ризици се издвојуваат:
Дополнителен проблем е и староста на мрежата – делови од системот се стари и по 40 години. Последниот викенд кога речиси цела држава остана без струја, го потврди овој системски ризик.
Иако извештајот за причините сè уште не пристигнал во Регулаторната комисија, познато е дека дошло до несразмер помеѓу произведената и потрошената електрична енергија – со премногу струја од фотоволтаици и премалку активни потрошувачи.
Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, најави дека МЕПСО наскоро ќе распише тендер за поставување на кондензаторска батерија во Неготино, со што ќе се стабилизира системот во слични ситуации.
Слични потешкотии први ги почувствуваа Шпанија и Португалија, каде поради осцилации во далноводите со висок напон, милиони граѓани останаа без струја на неколку часа. Инцидентот беше наречен „феномен“ од надлежните.
Дополнителна закана за енергетската стабилност се сајбер нападите. До крајот на месецот се очекува да биде претставен предлог-законот за сајбер безбедност, чија цел е да ја зајакне заштитата на критичната инфраструктура, вклучително и енергетските системи.
Министерската за енергетика, Сања Божиновска, потсети дека МЕПСО лани беше мета на сериозен сајбер напад и нагласи дека заштитата на енергетската мрежа е прашање од национален интерес. Таа додаде дека сè уште се разгледува дали безбедноста ќе ја обезбедуваат државни институции или приватни компании, но приоритет останува најдоброто решение за граѓаните.

