
Стојаноски: Додека некои синдикалци бркаат политички амбиции, други склучуваат историски договори за повисоки плати
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, пратеникот Бојан Стојаноски упати остри критики до раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), обвинувајќи ги за водење политика наместо синдикална борба.
Тој направи јасна дистинкција меѓу резултатите на различните синдикални организации и ја образложи стратегијата на Владата за кратење на функционерските плати.
Стојаноски истакна дека додека раководството на ССМ, предводено од Слободан Трендафилов, се фокусира на јавни препукувања и нереални барања, други синдикати веќе испорачале конкретни зголемувања за своите членови.
„Трендафилов и неговата клика не водат мудра политика. Се плашам дека ССМ ќе почне да слабее со членството, бидејќи работниците гледаат дека едни склучуваат историски договори, а други само критикуваат и бркаат политички амбиции,“ изјави Стојаноски.
Тој потсети дека барањето за зголемување од 2.806 денари, кое своевремено беше причина за протести, денес е веќе 100% реализирано од страна на новата власт.
Одговарајќи на прашањето зошто токму сега се предлага измена на законите за платите на функционерите, Стојаноски појасни дека станува збор за системско решение кое го спречува автоматското покачување.
„Ако не ги сменевме овие шест закони сега во февруари, функционерите ќе добиеја повисоки плати за уште 10 до 15 илјади денари поради порастот на просечната плата. Ова е единствениот уставен начин да ги спречиме нереално високите плати кај функционерите. Секој друг модел е ризичен и може повторно да биде поништен“ појасни тој.
