
ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра
Според анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на 11 и 12 ноември на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници, работниците сметаат дека минималната плата во земјата треба да се зголеми од 600 до 700 евра.
На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, 45,2 проценти од испитаниците одговориле дека таа треба да биде 600 евра, 42 проценти се изјасниле за 700 евра, додека 12,8 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 500 евра.
Анкетата покажала дека најголем дел од работниците, 99,5 проценти, сметаат дека зголемувањето треба да се спроведе до крајот на годинава. Доколку тоа не се случи, 52,8 проценти се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти да штрајкуваат.
„Заклучокот од Анкетата за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија“, велат од ССМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март 2026 година, а дали ќе има интервентно зголемување ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите.
„Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму, така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите“, изјави Мицкоски по свеченоста на која беше одбележана 25-годишнината на Фондот за здравствено осигурување.
