СПАСЕНА МЕЧКА ВО ВЕЛЕШКО, СЕ ФАТИЛА ВО НЕЛЕГАЛНА СТАПИЦА Ветеринар ја успал за да ја ослободат од сајлата
Кафеава мечка стара околу 3 години беше спасена откако била фатена во нелегално поставена метална сајла во месноста Чеплес, на околу 1,5 километар од Рибник Нежилово, во Велешко. По координирана акција на надлежните институции, животното било ослободено од примката и вратено во природата.
Животното го забележале ловџии од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес, откако слушнале силно рикање кое ги одвело до местото каде што било заробено.
– Бевме на лов кога слушнавме рикање на мечка. Тоа беше силен лелек. По звукот го пронајдовме мечето. Беше агресивно од болка, но бараше спас од нас. Со мили очи гледаше да го спасиме, ама не дозволуваше да се приближиме. Во близина беше и неговата мајка, која гледаше што се случува. Веднаш пријавивме во ловното друштво – раскажал еден од ловџиите кои го пронашле животното.
Откако сфатиле дека животното е заробено и дека не можат безбедно сами да го ослободат, ловџиите веднаш го пријавиле случајот, по што била организирана акција за негово спасување.
Случајот бил пријавен преку Македонското еколошко друштво до Државниот инспекторат за животна средина. Биле известени и Министерството за животна средина и просторно планирање, а на терен се упатиле двајца државни инспектори во координација со СВР Велес и ловечкото друштво.
Акцијата се одвивала во доцните попладневни часови. Мечката била успиена и прегледана од ветеринар од Зоолошката градина во Скопје, по што сајлата била отстранета и животното било пуштено во шумата.
Станува збор за мечок тежок околу 70 килограми.
Според информациите од Државниот инспекторат за животна средина, при прегледот не биле забележани видливи повреди предизвикани од примката.
За случајот бил известен и јавен обвинител од Велес. Полицијата ја презела сајлата за понатамошно вештачење, по што се очекува да следуваат постапки за утврдување на одговорноста за нелегално поставената стапица.
.
Извор: plusinfo.mk