ШТОМ ИМ ЗАВРШАТ ФУНКЦИИТЕ ВЕДНАШ ГРАДАТ ЗГРАДИ Манасиевски бара да се истражи од каде му се парите на Муслиу
Поранешниот претседател Стево Пендаровски призна дека објектот кој се гради во Влае е на неговиот близок соработник Еролд Муслиу, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
– Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, кој беше директно назначен од Пендаровски, гради зграда во Влае, а со административна плата како директор, или пак, како обичен вработен, не се заработува таа сума. Токму ова е таа шема на СДСМ која, за жал, владееше со години во Македонија. Организираната криминална група е токму СДСМ на чело со криминалецот без тапија Венко Филипче. Сите нивни функционери кога излегоа од политиката или им завршија мандатите на функциите, веднаш отворија фирми, бизниси, градат згради, исто како што прават Филипче и Заев – рече Манасиевски.
Во таа насока, очекуваме јасни одговори од соработникот на Пендаровски, од каде му се милионите за изградба на зградата во Влае, додаде тој.
– Дали пријавените семејни приходи на Муслиу можат да го оправдаат ваквиот капитал и дали можеби има и судир на интереси? Бараме транспарентност, документи и одговори, а од надлежните институции очекуваме да го испитаат потеклото на средствата и евентуалните судири на интереси. Го повикуваме Јавното обвинителство да постапи по допрен глас и да го истражи овој случај – рече Манасиевски.
.
Извор: plusinfo.mk