
СЕРИОЗНА ИНВЕСТИЦИЈА: Туркиш ерлајнс ќе купи 355 авиони Ербас
Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ неделава објави дека во следната деценија ќе нарача вкупно 355 авиони од европскиот производител Ербас.
Според француската новинска агенција АФП, планот е дел од напорите да стане најголемата авиокомпанија во светот. Компанијата не откри подетална временска рамка за купувањето, пренесува SEEbiz.
Како што пренесува AFP, купувањето ќе биде дел од стратешкиот план за периодот од сега до 2033 година, во кој компанијата има намера да постигне значителен раст.
Според авиокомпанијата, тие веќе нарачале 230 авиони, а имаат обезбедено право на првенствено купување на дополнителни 125. Ербас објави дека авиокомпанијата склучила нарачка за 220 авиони. Причината за оваа разлика не е позната.
Со оглед на желбата на турските власти нивната земја да биде меѓународно позната како Türkiye, превозникот исто така треба да се преименува во „Türk Hava Yollari“.
