
Секта или група странци се „Rainbow Gatherings“ кои кампуваат во Маврово?! Надлежните велат дека ја следат состојбата…
300 странски државјави во шатори, веќе десетина дена, го окупирале локалитетот Црн Камен, под Леуново, на брегот на Мавровско Езеро и наводно прават некакви обреди, јави МКД.мк
Жителите на Леуново и Никифорово, односно претседателите на месните заедници, бараат интервенција од полицијата затоа што е запоседнат дел од нивниот имот, а и поради непочитувањето на владината забрана за палење оган во шума.
Според порталот, станува збор за припадници на неформалната странска заедница „Виножито“ (Rainbow Gatherings), која според информациите е составена од хипици, јогисти, панкери, моторџии, рокери…
Порталот пишува дека кога се приближиле до местото, виделе дека повеќето гости на мавровскиот брег биле собрани околу огнот, сите се држеле за раце и пееле некои песни.
Во одговорот на јавната установа Национален парк Маврово на прашањата на МКД.мк за тоа што преземаат во однос на присуството на околу 300 лица кои на диво кампуваат и палат оган кај Црн Камен, се вели дека тие од почеток ја следеле ситуацијата и дека во соработка со полицијата и општинарите им понудиле на камперите од Жировница да се преселат во близина на Леуново.
„Од почеток ја следевме ситуацијата со присуството на поголема група странски гости кои пред дваесетина дена, по нечија покана, ги запоседнаа планинските падини на Дешат над селото Жировница, во пограничниот појас и зона на строга заштита на територијата на паркот. Донесените мерки од страна на Владата за забрана за движење во шума беа доволен аргумент управата на НП Маврово, заедно со командирот на пограничната полициска станица во село Жировница, месната заедница на селото и со раководителот на Одделението за заштита во паркот да ги посетат присутните на локацијата и да стапат во контакст со два члена од групацијата (Денис и Леа) од нашата држава“, се вели во одговорот на НП Маврово.
Откако на странците им било кажано да ја напуштат локацијата, постигнат бил договор за времено лоцирање на кампот во близина на село Маврово, покрај езерото, велат од НП.
Подоцна, било договорено сепак сите да се преселат на локалитетот Црн Камен, каде што се и денеска каде е подигнат див камп.
