
Се продава имотот на „Дена продукт“ на зетот на Заев по реакцијата на австрискиот амбасадор
Имотот на „ДЕНА продукт увоз-извоз“, компанија на зетот на поранешниот премиер Зоран Заев, се продава преку лицитација на извршителска канцеларија, по реакцијата на австрискиот амбасадор во Скопје, Георг Вуцас.
ТВ Телма известува дека е одложена денешната лицитација на имотот, која требаше да се одржи во канцеларијата на извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци. Требало да се продава дел од имотот, односно оранежериите на роднина на поранешниот премиер Зоран Заев.
Извршителот Костадиновски рекол дека барањето за одложување на продажбата на имотот е на барање на австриката фирма „АММА“, за што одлука веќе донел Основниот суд во Гевгелија.
Австриската компанија „АММА“, која се занимава со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи, има побарувања во висина од 4,5 милиони евра од македонската фирма „ДЕНА продукт увоз извоз“ – Велес.
„Телма“ додава дека вакви постапки има и кај други извршители за овој случај.