
„СЕ ЧУВСТВУВАМ НЕБЕЗБЕДНО“: Груби сместен во ќелија со 24-часовно обезбедување бидејќи „сите се против него“
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој по 14 месеци во бегство утринава му се предаде на МВР на граничниот премин Блаце, веќе е спроведен во затворот „Скопје“, пишува СДК.МК.
Неговото сместување во истражниот затвор во Шутка е под строги безбедносни мерки и специфични протоколи.
Според информациите од затворските служби, при приемот и задолжителниот лекарски преглед, Груби изразил сериозна загриженост за својата лична безбедност:
На прашањето дали се чувствува загрозен од некого, тој одговорил дека практично „сè и сите се против него“.
Груби посочил дека се чувствува небезбеден особено од лица од албанската етничка заедница кои во моментов се во притвор, поради што е сместен во ќелија со само еден цимер – Македонец.
Пред неговата затворска просторија е поставено посебно 24-часовно обезбедување, а во ќелијата нема да бидат сместувани други лица.
Груби беше во бегство од декември 2024 година, кога ја напушти Македонија и замина во Косово по отварањето на истрагата за корупција.
Од затворот во Шутка нагласуваат дека за сите посети од семејството или одбраната ќе одлучува исклучиво надлежниот судија за случајот „Државна лотарија“, по истите правила што важат за сите останати притвореници.
