
СДСМ обвини за чанта од 30.000 долари, сопругата на Ѓорѓиевски демантира: Купена е за 944 денари
Соопштение на СДСМ предизвика нова политичка полемика откако партијата обвини дека сопругата на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски се појавила на партиски настан со луксузна брендирана чанта „Хермес“, чија вредност, според нив, се движи од 28.000 до 33.000 долари.
Од партијата наведоа дека станува збор за модел „Hermes mini Kelly 2 (20 cm)“, еден од најексклузивните модни додатоци во светот, посочувајќи дека додека граѓаните се соочуваат со економски предизвици, власта парадира со луксуз. Во соопштението се споменуваат и проблеми во градот, како состојбата со јавниот превоз и хигиената, при што се поставуваат прашања за, како што наведуваат, „луксузно-моден патриотизам“.
По обвинувањата, со реакција се огласи сопругата на Ѓорѓиевски, која ги демантираше наводите, тврдејќи дека чантата не е бренд „Хермес“, ниту пак чини 30.000 долари.
„Мојата чанта не е некакви 30.000 долари како што тврди СДС, ниту е ‘Хермес’, туку е купена од продавницата ‘Обуча Метро’ Македонија, и тоа на попуст за 944 денари. Истата нема никаква врска со брендот Hermès, ниту по потекло, ниту по цена, ниту по вредност“, наведува таа во демантот.
Таа додава дека станува збор за обид за политичка дискредитација преку вмешување на семејството во политички пресметки и побара јавно извинување и повлекување на, како што ги нарекува, лажните тврдења. Во спротивно, најави дека ќе ги искористи сите правни механизми за заштита на честа и угледот.
