
СДСМ ќе го тестира ВМРО-ДПМНЕ со закон за минимална плата 450 евра
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, објави дека опозициската партија поднесува Закон за за покачување на минимална плата на 450 евра.
„Со измените, предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3 отсто. Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата“, рече Филипче.
Тој додаде дека е предвидено како дел од овој законски предлог да остане Методологијата како системско решение за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата.
„Потрошувачката кошничка во септември 2024 година достигна 61.306 денари, цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена. Само за потсетување, Владата предводена од СДСМ во период од седум години, креираше политики за постојан раст на платите и работеше за значително да се подобри животниот стандард на работниците“, додаде Филипче.