СДСМ ДИРЕКТНО ГИ КОЧИ РЕФОРМИТЕ, ВЕЛИ ЗНАМ „Наместо поддршка, го опструираат законот за јавно обвинителство“

СДСМ директно ја кочи реформската агенда опструирајќи го предлог-законот за јавно обвинителство, обвинува движењето ЗНАМ. Наместо да дадат конструктивен придонес, СДСМ одлучија да стојат на страна и да ја кочат реформската динамика, се вели во соопштението на ЗНАМ.
„Опозициската СДСМ уште еднаш покажа дека партиските калкулации ги става пред државните интереси и пред потребата од вистински реформи во правосудството.
Предлог-законот за јавното обвинителство – закон кој е дел од реформската агенда и кој помина низ јавна расправа со вклученост на експерти, обвинители, адвокати и професори, претставува јасен сигнал дека не постои искрена волја кај нив за унапредување на владеењето на правото.
Овој закон е резултат на широк и инклузивен процес, базиран на стручни аргументи и практични искуства. Во процесот на подготовка на законот беа вклучени препораките на релевантни меѓународни тела и институции, како и насоките од реформската агенда во областа на владеењето на правото, што дополнително ја зајакнува неговата кредибилност и усогласеност со европските стандарди.
Граѓаните очекуваат ефикасно, отчетно и транспарентно обвинителство – систем кој ќе гарантира правда за сите, без селективност и без политички влијанија.
Иако во СДСМ најавија конструктивен пристап кон законите од реформската агенда, денес од собраниската говорница кажаа дека нема да го поддржат законот за јавното обвинетелство.
Со ова декларативно лицемерие СДСМ покажува дека се во истото руво од времето кога се самоамнестираа од сторениот криминал во периодот на седумгодишното владеење, преку измените на Кривичниот законик.
Сега, дополнително се ставаат во функција на заштита на својот криминал, нелегално стекнатите милиони на Венко Филипче и Зоран Заев.
Со сите сили продолжуваат да ги штитат “нивните” обвинители кои тие ги наместија на позициите.
Затоа денес СДСМ уживаат рејтинг кај граѓаните помал од 5%“, порачува ЗНАМ.
.