САКАЛ ДА КУПИ „АУДИ А5“ ОД ГЕРМАНИЈА, НО БИЛ ИЗМАМЕН Тетовец уплатил 6.800 евра на лажен продавач
26-годишен жител на тетовско останал без 6.800 евра во обид да купи автомобил преку германска интернет-страница за продажба на возила. Откако ги уплатил парите, шлеп-службата што требало да го преземе автомобилот открила дека наводниот продавач не живее на наведената адреса.
Според информациите од МВР, на 26 октомври купувачот забележал оглас за автомобил „Ауди А5“. Преку пријател кој престојува во Германија стапил во контакт со наводниот продавач, 46-годишниот Ј.Л. од Германија, по што се договориле за цена од 8.000 евра.
Купувачот најпрво уплатил 800 евра како капар. Откако добил фотографија од наводен договор за купопродажба, на 29 октомври преку банкарска сметка уплатил уште 6.000 евра.
Сомнежите дека станува збор за измама се појавиле кога ангажираната шлеп-служба пристигнала на адресата во Германија за да го преземе автомобилот. Таму било утврдено дека лицето не живее на наведената адреса, која се покажала како лажна.
Случајот бил пријавен во СВР Тетово на 10 ноември. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
.
Извор: plusinfo.mk