Skip to content
Novina.mk Novina.mk
  • Следетене
  • ПОЧЕТНА
  • МАКЕДОНИЈА
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • Video
  • МАГАЗИН
Nova.mk (2)
  • Последни
 Рударството губи чекор: дали Македонија ќе го спаси стратешкиот сектор?
Македонија

Рударството губи чекор: дали Македонија ќе го спаси стратешкиот сектор?

12/05/2026

AA

И покрај потенцијалот што го има, македонското рударство со години бележи пад во производството, бројот на работници и придонесот во економијата.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во март годинава производството во секторот рударство и вадење камен е намалено за 6,2 проценти, додека бројот на вработени е помал за 6,9 проценти во споредба со минатата година.

Дополнителна загриженост предизвикуваат информациите за можни проблеми во рудниците „Злетово“ и „Тораница“, кои вработуваат околу 800 лица. Аналитичарите предупредуваат дека без долгорочна стратегија и нови инвестиции, секторот може дополнително да ослабне.

Овие два рудници претставуваат значаен дел од рудниците за металични суровини кои функционираат во државата, што значи дека нивното евентуално затворање сериозно би го намалило капацитетот на македонското рударство.

Прашан за ваквите состојби, премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека државата бара начин како да го помогне овој економски значаен сектор.

„Тука имаме помала активност на рударството како сектор во првите 2-3 месеци, во првиот квартал. Се надевам дека за две-три проблематични правни субјекти ќе пронајдеме начин како државата да помогне, но и тие самите да си помогнат, со што рударството ќе го вратиме на правилниот пат,“ рече Мицкоски.

Според информациите од геолозите и рударските експерти, Македонија располага со руден потенцијал кој се проценува во милијарди евра, пред сè во наоѓалишта на злато, бакар, сребро и други минерали, дел од кои се наоѓаат на листата на критични суровини на Европската унија и САД. Но, засега овој потенцијал останува неискористен.

Дека Македонија треба да ги користи природните минерални богатства на ефикасен начин и во хармонија со еколошките, културните и природните вредности со што ќе се овозможи и создавање работни места, се констатира и во и во новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046, на која работеше Македонската академија за науки и уметности, а вклучени беа и факултети, Геолошкиот завод, Здружението на рударски инженери, геолошки друштва, како и голем број на невладини организации од областа на животната средина.

„Проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни. Ова е добредојден развој, но исто така со себе носи суштински барања“, се наведува во текстот.

Во Стратегијата на МАНУ се додава дека придонесот на рударството е изразен преку бројот на работни места кои ги креира, бидејќи обезбедува многу различни можности за работа, од оператори и техничари до геодети и професионалци за животна средина, што влијае на пораст на националниот доход (преку платите кои им ги исплаќа на своите вработени) и воедно на намалување на стапката на сиромаштија.

„Многу средини, како: Македонска Каменица, Крива Паланка, Пробиштип, Злетово, Радовиш, Новаци и други, доколку не постојат рудниците, постои голема веројатност дека одамна би биле напуштени и згаснати поради миграцијата на населението“, се истакнува во документот.

Меѓу најголемите наоѓалишта на злато и бакар во Македонија се вбројува проектот „Иловица – Штука“, каде концесиите ги поседува канадската компанија „Еуромакс Ресоурсес“. Но, во моментов овој проект е во застој, заглавен во административни и правни процедури.

Според истражувањата направени од компанијата, во „Иловица – Штука“ се проценуваат повеќе од 500 милиони тони минерализирана руда која содржи бакар и злато – две минерални суровини чии цени во моментов достигнуваат рекордни нивоа на светските берзи.

Со планирано производство од 16 илјади тони бакар годишно, рудникот Иловица-Штука би можел да генерира извоз во вредност од околу 200 милиони долари годишно, зависно од движењето на светските берзански цени на бакарот.

Тоа би значело дека бакарот би можел да стане еден од позначајните извозни производи на Македонија, со директно влијание врз зголемување на извозот, подобрување на трговскиот биланс, прилив на девизи, раст на индустриското производство, како и повисоки приходи во државниот и локалните буџети.

Во услови кога глобалната побарувачка за бакар расте поради електрификацијата, обновливите извори на енергија и производството на електрични возила, вредноста на ваквиот извозен капацитет дополнително расте, не само за домашната економија, туку и за геополитичкото позиционирање на Македонија во услови на глобална трка за критични минерали.

Македонија го има и потенцијалот на рудникот за злато и бакар „Казандол“ во Валандовско, кој сè уште останува неискористен откако поради одземањето на концесиите следуваше арбитражна постапка меѓу инвеститорот и државата.

Сепак, евентуалната експлоатација на овој рудник исто така би имала значајно економско влијание врз државата и врз опстојувањето на рударството како важна економска гранка. Во ова наоѓалиште беа потврдени резерви од околу 33 милиони тони руда, а планот предвидуваше експлоатација во период од 20 години со производство на катоден бакар во вредност од околу 20 милиони евра годишно.

TACT.mk

Previous post
Next post
Последни Новини
Македонија

МВР: Над 180 паднати дрвја, 117 оштетени возила и 35

21/07/2026
Македонија

ФОТО И Армијата се вклучи во расчистување на последиците од

21/07/2026
Македонија

НЕВРЕМЕ И ПОЖАРИ ВО СТРУМИЧКО: Пожарникарите и градоначалникот Јанков на

21/07/2026
Македонија

Ѓорѓиевски: Екипите на Град Скопје се на терен, ќе работат

21/07/2026
Македонија

Врнежи од дожд во северозападните делови на Македонија

21/07/2026
Македонија

ВИДЕО Невремето предизвика проблеми и на скопскиот аеродром: Прокисна таванот

21/07/2026
Македонија

Над 8.300 повици на 112 по невремето во Скопје –

21/07/2026
Македонија

Голема материјална штета во ГОБ „8 Септември“ по невремето, најоштетен

21/07/2026
  • Економија 7905
  • Магазин 4842
  • Македонија 44545
  • Регион 3997
  • Свет 14
  • Спорт 4718
СЛИЧНИ НОВИНИ ЗА ВАС

МВР: Над 180 паднати дрвја, 117 оштетени возила и 35 кровови по невремето во Скопје

21/07/2026

Силното невреме што го зафати поголемиот дел од земјата остави бројни последици, а полициските службеници заедно со останатите надлежни институции

ФОТО И Армијата се вклучи во расчистување на последиците од невремето

21/07/2026

Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија се вклучија во справувањето со последиците од силното невреме што го зафати Скопје.

НЕВРЕМЕ И ПОЖАРИ ВО СТРУМИЧКО: Пожарникарите и градоначалникот Јанков на терен на повеќе критични локации

21/07/2026

Бурното време и неколкуте инциденти предизвикаа серија итни интервенции на противпожарните и комуналните екипи во струмичкиот регион во текот на

Novina.mk Novina.mk

©2022. All Rights Reserved.

Контакт
Privacy Policy