
Родителите на загинатите лица од Кочани: Не стоиме зад иницијативата за поставување крст!
Здружението на семејствата на починатите во случајот „Пулс“ излезе со официјално соопштение до јавноста со цел да ги прекине шпекулациите и дезинформациите кои се шират на социјалните мрежи. Од Здружението децидно појаснуваат дека тие не се иницијатори за поставување на крстот кај хотелот „Национал“ во Кочани.
Родителите на починатите деца нагласуваат дека за овој чин дознале преку медиумите и социјалните мрежи, исто како и останатите граѓани. Тие посочуваат дека според сите достапни информации, иницијатор е Брегалничката епархија, а не семејствата.
„Иницијативата за поставување крст или какво било верско обележје не произлегува од нас – родителите. Со почит ја поздравуваме секоја добронамерна иницијатива, но под многу објави се појавија неточни и навредливи коментари во кои нè инволвираат и ни припишуваат туѓи идеи“, се вели во соопштението.
Од Здружението алармираат дека во изминатите десет месеци честопати се соочувале со злоупотреби. Тие тврдат дека во нивно име и во име на нивните деца се собирале донации за кои семејствата воопшто не биле информирани, ниту пак имале увид каде завршиле тие средства.
Семејствата порачуваат дека во иднина јавно ќе ја посочат секоја манипулација каде се спомнуваат нивните деца за хуманитарни цели без никаква отчетност.
Апелираат до јавноста и медиумите да не се служат со шпекулации кои дополнително ги повредуваат семејствата кои го живеат најтешкото.
За Здружението „16-ти Март“, приоритетите остануваат непроменети. Тие потенцираат дека нивниот фокус не е насочен кон симболи и обележја, туку кон институционална завршница на случајот „Пулс“.
„Нашата единствена цел е вистинска правда, достоинство и почит за нашите деца“, порачуваат од Здружението, барајќи од јавноста да го почитува нивниот интегритет и правото на точна информираност.

