
Родителите на настраданите во пожарот во Кочани: Првото рочиште го дочекавме со надеж – второто го дочекавме со треперење, а го испративме со тешко разочарување!
Александар Наунов, татко на трагично загинатата Надица во пожарот во дискотеката „Пулс“, ја сподели својата болка на денешниот Марш на ангелите.
„Првото рочиште го дочекавме со надеж. Второто го дочекавме со треперење, а го испративме со тешко разочарување“, изјави Наунов пред медиумите, истакнувајќи дека одложувањето на судските постапки не ја зема предвид болката на родителите кои ги загубиле своите деца.
Тој посочи дека родителите се ставени лице в лице со обвинетите без никаква организација или заштита, што го почувствувале како неправда.
„Како да сме еднакви страни во нечиј административен записник, а не родители што ги изгубија своите деца“, рече Наунов.
Таткото на Надица повика на професионалност, сериозност и човечност во судската постапка, истакнувајќи дека очекуваат да се утврди одговорност за сите пропусти, вклучително и кај полициските службеници.
„Нашите деца нема да се вратат, но за нив, за нивното име и спомен, ние нема да престанеме да бараме вистина и правда“, додаде Наунов.
На крајот од својата изјава, тој побара итна правда за сите 63 деца загинати во пожарот и изрази благодарност до граѓаните кои ги поддржуваат: „Заедно ќе ја добиеме правдата!“
