Разочарување од денешното гласање за планот за реорганизација на ДГ БЕТОН АД Скопје
ФЕГО Инженеринг ја изразува својата длабока разочараност од односот и постапките на државните институции, особено Народната Банка на Република Македонија, во врска со денешното гласање за планот за реорганизација на ДГ БЕТОН АД Скопје.
„Народната Банка, која беше клучен фактор за иницирање на стечајната постапка на овој градежен гигант, денеска направи уште еден преседан. Наместо да даде шанса за продолжување на деловниот потфат на ДГ БЕТОН АД Скопје, истата со својот глас, базиран на оспорени побарувања, постапи спротивно на интересите на стопанството, државните интереси и основните принципи што една државна институција треба да ги застапува. Дополнително, Стопанска банка и Комерцијална банка, и покрај тоа што нивните побарувања се покриени со хипотеки кои ја надминуваат вредноста на долговите за два до три пати, исто така гласаа спротивно на принципите на добро деловно работење. Нивното однесување е директна опструкција за продолжување на деловниот ангажман на компанијата, која повеќе од 75 години е симбол на градежништвото во нашата држава. Ги потсетуваме институциите и деловните банки дека ваквите постапки не само што го загрозуваат опстанокот на еден национален градежен гигант, туку и оставаат простор за сомнеж дека нивните одлуки се мотивирани од лични интереси и влијанија на поранешни политички структури кои систематски работеле на уништување на ДГ БЕТОН АД Скопје. Сметаме дека ова што денеска се случи е срам за институциите на Република Македонија и за деловните субјекти кои требаше да бидат столб на економската стабилност“, се наведува во соопштението.
ФЕГО Инженеринг упатува апел до актуелната политичка гарнитура да изнајде начин за поддршка на македонското стопанство и да овозможи продолжување на деловниот потфат на ДГ БЕТОН АД Скопје, компанија која е гордост на сите нас.
Се надеваат на одговорност, транспарентност и решителни чекори за зачувување на националните интереси.