
РАСПРЕДЕЛБАТА НА ИМОТОТ ОД ПОРАНЕШНА СФРЈ СЕ УШТЕ НЕ Е ЗАВРШЕНА – Што се слушува со резиденциите ширум светот?
Договорот за сукцесија на поранешна СФРЈ беше склучен во Виена во 2001 година и стапи во сила три години подоцна со потписот на последната земја наследничка Хрватска. Седум анекси за поделба на имотот беа потпишани од тогашната СРЈ, во чиј состав беа Србија и Црна Гора, потоа Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина. Најинтересен за јавноста е Анекс Б, односно списокот на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна Југославија. До каде е поделбата на 123 недвижнини, две децении по потпишувањето на Договорот за сукцесија?
Резиденциите, амбасадите и становите во дипломатските квартови ширум светот мораа да се поделат меѓу поранешните републики по распадот на Југославија.
Таа работа му беше доделена на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско-конзуларниот имот, беше дефинирана квота за секоја земја наследничка, па така Босна и Херцеговина доби 15 отсто, Македонија 8 проценти, а Словенија 14 отсто од недвижниот имот. На Словенија, меѓу другото, и припадна зградата на амбасадата во Америка.
– Остануваат уште неколку објекти, овде имаме три категории. Едната е објектот во Москва, комплекс кој е толку голем што тешко се наоѓа решение за него, па засега го користи Србија, но не е во интерес на Белград да го има тој објект во сопственост, туку да се најде решение да се подели. Има друг комплекс, тоа се становите и недвижнините на воените аташеа кои треба да се решаваат во рамките на Анекс Б – објаснува Дамјан Бергант, амбасадор на Словенија во Србија.
Според Договорот, Хрватска доби речиси четвртина од дипломатските претставништва, поточно амбасади, меѓу другото, во Париз, Виена, Хаг, Лисабон, Нов Зеланд и дел од зградата во Брисел.
– Хрватска доби во сопственост на неколку резиденции – Хелсинки, Осло, Стокхолм, Мадрид, Картум. Добивме и две згради на генералните конзулати на Југославија во Чиле и Торонто. Хрватска остана на својот став дека заедничката комисија треба да се состане што е можно поскоро – вели Хидајет Бишчевиќ, амбасадор на Република Хрватска во Србија.
На Србија, која доби помалку од 40 отсто од недвижниот имот, досега и се доделени 40 имоти во 25 држави.
– Кога станува збор за распределба на дипломатскиот имот, во интерес на сите е тој процес да се заврши што е можно побрзо. Меѓутоа, има многу проблеми кога станува збор за распределбата на дипломатскиот имот бидејќи понекогаш е потребно да се да направат соодветни проценки и да се пронајде соодветна документација, да се пристапи до соодветните земјишни регистри. Она што останува да се распредели се 16 објекти во 11 држави, од кои најважниот е во Москва, за што претпоставувам дека ќе бидат најтешките преговори – вели проф. д-р Александар В. Гајиќ, главен правен советник во Министерството за надворешни работи на Србија.
Поранешните југословенски републики четири пати го делеа заедничкиот имот, во 2006 и 2012 година со резолуциите во Загреб, кога беа поделени 29 објекти. Потоа во 2019 година во Белград беа поделени шест недвижнини, а три години подоцна во Сараево беше одлучено кој ќе добие уште пет објекти. Сите земји создадени со распадот на СФРЈ се решени да го поделат имотот до последниот квадрат и долар.
Следниот состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско-конзуларниот имот е закажан за крајот на годинава во Загреб, а сите држави наследнички проценуваат дека работата конечно може да се заврши во следните две години.

