
РАБОТИМЕ ПО СТАНДАРДИ КОИ СЕ ПОСТРОГИ ОД ЗАКОНСКИТЕ Усје порачува дека се грижат за околината и работат според правилата

ТИТАН Усје работи како одговорна компанија во земјата повеќе од 7 децении, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и за снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, вклучувајќи болници, брани, патна и јавна инфраструктура, соопшти цементарницата.
„Грижата за животната средина е основна вредност за ТИТАН Усје. Свесни сме дека заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот предизвикуваат загриженост кај граѓаните и во нашето општество како целина. ТИТАН Усје внимателно ја следи јавната дебата, ги сфаќа сериозно овие проблеми и дава транспарентен придонес кон нивно решавање“, се вели во соопштението.
Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола, се додава, честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски.
„Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, соопшти Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, се придржуваме до најдобрите меѓународно признаени практики и ЕСГ стандарди, покажувајќи ја нашата долгорочна посветеност и одговорност кон заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и модерното корпоративно управување, додава цементарницата.
„Во текот на изминатите 15 години, инвестиравме повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и напредни еколошки технологии, а дополнителни 3 милиони евра се планираат до 2029 година.
Нашите приоритети остануваат јасни – силни партнерства, благосостојба на вработените и континуирана поддршка за заедницата“, се вели во соопштението на Усје.
Иницијативата „Стоп за Усје“ денеска почна осумчасовна блокада пред цементарницата, а активистите ќе го блокираат главниот влез на фабриката до 23 часот, со порака против аерозагадувањето.
.
