
Првото полуфинале на мастерсот во Париз е грчко-бугарско!
Седмиот носител, Циципас, релативно лесно го реши (15.) Карен Хачанов од Русија, за час и пол игра, со 6-3, 6-4. Три сета му требаа на Димитров, кој е 17. носител и, практично, приреди изненадување со елиминацијата на (11.) Хуберт Хуркач.
Полјакот, кој е победник на последниот одигран мастерс, во Шангај, во октомври, беше индиспониран во првиот сет и го загуби со 1-6. Во вториот се обиде да се врати, освојувајќи го со 6-4, а во третиот пресуди единствениот брејк поен, од единствената брејк-топка, за 6-4 за Димитров.
Грчко-бугарското полуфинале ќе биде осми меч меѓу Циципас и Димитров на АТП-турнеата, по што Гркот води со 5-2 во победи. Второто полуфинале ќе го пополнат подобрите од двојките Ѓоковиќ – Руне и Рубљов – Де Минор.