
ПРОЧКА, ПРАЗНИК НА ПРОСТУВАЊЕТО Побарајте прочка и простете

Прочка или Велики поклади е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост.
„Прости ми“ и „Простено да ти е од мене и од Бога“, со овие зборови денеска верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости.
Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.
Прочка е претпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.
– Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата – вели црквата.
Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Со чиста душа да се започне велигденскиот пост.
Богослужбено Прочка е посветена на првиот човек Адам – на оној што прв згреши. А првиот грев на човекот во светов е гревот со храна. Светот горко нека заплаче со оној што прв падна во грев поради слатката храна и отпадна од Бога, заедно со паднатите ангели.
„Денеска, пред почетокот на Постост, се сеќаваме на тоа дека, поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го изгуби рајот. Поради јадењето на Адам, Христос постеше 40 дена. Сегашниов пост е запазување на она што Адам не го запази и повторно стекнување на она што тој го изгуби. Богослужбата ни кажува колку и е потребен постот на човечката природа, како средство за лекување“, учи црквата.
Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.
Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.
За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.
Но, покрај семејната традиција за овој празник се луѓето се маскираат, а веќе традиција станаа и карневалите. Овие настани немаат црковна или верска порака. Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава.
Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.
.
