Презентирани аудио снимки во судница: Малата Катја велела дека Стојанче и неа ја удрил!
Со презентирање на аудио снимки од повици до службите за итни случаи, денеска продолжи судењето против Стојанче Јовановски. Обвинителката Адела Бојчевиќ во судница изведе девет фајлови поврзани со пријави на бројот 112, кои, како што најави, беа изложени по хронолошки ред.
Според обвинителството, пријавите биле поднесувани од повеќе лица, меѓу кои покојната Ивана Јовановска, нејзината мајка, мајката на обвинетиот, самиот обвинет, како и други граѓани кои пријавувале малтретирање и тепање.
Првиот презентиран запис датира од 29 јуни 2025 година, кога Ивана Јовановска се јавила вознемирена во полиција, пријавувајќи дека нејзиниот сопруг ја тепа. Во разговорот таа објаснува дека не ја знае точната адреса и бара да биде лоцирана преку телефонот, додека во позадина се слуша друг женски глас.
Следниот аудио запис е од 29 август 2025 година, кога мајката на Ивана, Љубица Стојановска, пријавила дека нејзината ќерка е нападната во стан на улицата „Теодосиј Гологанов“. Таа во разговорот изразува загриженост и наведува дека, според нејзините зборови, не е првпат да се случи такво насилство.
Во судницата беше пуштена и пријава од сведок, Ивана Белчева, од декември 2025 година, која пријавила дека непознат маж и жена се тепаат во парк во Ѓорче Петров, пред дете.
Меѓу презентираните материјали е и аудио запис од 20 декември 2025 година, поднесен од мајката на обвинетиот, Цветанка Јовановска. Во него се слуша плач на дете, додека пријавителката наведува дека се случува сериозен инцидент, при што детето извикува дека таткото ја напаѓа мајката. Додава дека и детето е тепано, удирано.
Обвинителството презентираше и запис од февруари 2026 година, во кој самиот обвинет пријавува семејно насилство, тврдејќи дека е малтретиран од сопругата и дека таа му се заканува.
Како дел од доказната постапка, беше пуштен и аудио запис од утрото на 2 март 2026 година, денот кога се случила трагедијата, при што пријавител повторно е Ивана Јовановска.
За време на рочиштето, обвинетиот реагираше од место, по што беше опоменат од судијата да не дофрла, а обвинителката продолжи со изведување на доказите. Судењето продолжува со натамошно разгледување на презентираните материјали.