ПРЕКИНАТА БЛОКАДАТА НА ДЕПОНИЈАТА „КРАСТА“ Продолжува собирањето на сметот во Куманово
Санирањето на депонијата ќе продолжи и во наредниот период, со цел Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ да спречат повторување на состојбата со пожарите. Жителите синоќа се сретнале со Кризниот штаб, при што биле договорени натамошните активности.
– Ја прекинавме блокадата во договор со жителите. Ја постигнавме целта, пожарот и тлеењето на сметот се изгаснати со помош на приватни компании. Остануваме на исполнувањето и на другите наши барања, односно сметот да се депонира на начин што нема да се дозволи повторување на состојбата од последните шест месеци. Тоа во практика значи ред ѓубре, ред земја, за да не дојде до нови палења – изјави Александар Илиевски, претседател на Месната заедница Пчиња.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашo Томиќ, изјави дека екипите веќе се мобилизираат за да почнат со изнесување на сметот на „Краста“.
Имаме големи количества отпад, особено во поширокото градско подрачје. Ќе работиме и во текот на ноќта за да го изнесеме. Ќе одиме по приоритетни зони и се надевам дека набрзо ќе се нормализира состојбата“, изјави Томиќ.
Тој ги повика граѓаните да имаат разбирање и порача дека ќе се исчисти насобраниот смет од сите делови на градот, населбите и селата.
Блокадата на депонијата „Краста“ траеше шест дена, а жителите бараа надлежните локални и државни институции да го решат долгогодишниот проблем со загадувањето на животната средина поради големите пожари во последните шест месеци. Два дена ѓубрето се носеше на скопската депонија „Дрисла“, а од вчера, во голема акција на тешка механизација и камиони од приватни фирми, депонијата беше затрупана со земја, а пожарот целосно изгаснат.
.
Извор: plusinfo.mk