Пред 78 години Црвената армија го ослободи Аушвиц, Русија денес не е поканета на комеморацијата
На денешен ден пред 78 години, Црвената армија го ослободи германскиот концентрационен логор на територијата на тогашната нацистичко окупирана Полска, Аушвиц-Биркенау. Со своите околу 1,1 милион жртви – главно Евреи, но и Полјаци, Роми, советски воени затвореници и луѓе од други националности – стана симбол на злобниот обид на нацистите да ги истребат Евреите, а во 2005 година ОН го прогласија датумот Меѓународен Ден на сеќавање на холокаустот.
Државниот музеј „Аушвиц-Биркенау“, кој се наоѓа на територијата на логорите Аушвиц I и II во градот Освиечим, денеска ќе ја одбележи годишнината под почесно покровителство на полскиот претседател Анджеј Дуда. На него не беше поканет ниту еден официјален претставник на Русија, а причина за одлуката беше војната во Украина предводена од Русија, објави вчера АФП.
Досега Русија секогаш учествувала на церемониите кои се одржуваат секоја година на 27 јануари, а нејзиниот претставник имал говор.
Главна тема во музејот денеска ќе биде процесот на планирање, создавање и проширување на системот на дехуманизација и геноцид во Аушвиц, јавуваат оттаму.
Аушвиц бил изграден како центар за истребување во 1942 година, но во 1943 година обемот на оваа активност станал огромен. Таа пролет, Германците ја завршија изградбата на четири инсталации во Аушвиц II-Биркенау, кои вклучуваа гасни комори и најсовремени објекти за кремирање на трупови.
Денес, посетителите на споменикот можат да видат само урнатини од зградите. Сепак, архитектонските и градежните планови преживеаја, „што јасно покажува за што е способно едно човечко суштество, дури и добро образовано во име на идеологијата“, напиша музејот, цитирајќи го неговиот директор, д-р Пјотр М.А. Чивински. . Тој истакнува дека овие останки се „елоквентно предупредување за човештвото во светло на воените злосторства на Русија во Украина“.
Нему му беше „очигледно“ дека не може да „потпише писмо со покана до рускиот амбасадор“ во контекст на војната. Тој стравува дека „на Русија ќе и треба исклучително долго време и многу длабока интроспекција по овој конфликт за да се врати во општеството на цивилизираниот свет“.
На денот кога Русија ја нападна Украина – 24 февруари 2022 година – музејот го нарече рускиот напад „варварски чин“, велејќи: „Овој варварски чин ќе биде суден од историјата, а неговите извршители – се надеваме дека Меѓународниот кривичен суд“.
По ослободувањето, Црвената армија пронашла живи околу 7.000 затвореници. Сите преживеани до денес се поканети на комеморативниот настан, секој со придружник.