
Поранешниот царински бос Даравелски влегува директно во бизнисот со недвижнини
По 20 години бегство од Македонија и чекање неговото дело да застари, поранешниот царински бос Драган Даравелски во Куманово и официјално на хартија влегува во бизнисот со недвижнини.
Поранешниот прв човек на Царинската управа, кој лани се врати во Македонија откако пред цели 20 години побегна во соседна Србија за да не се соочи со кривичен прогон и осуда на 7 години затвор, сега стана директор на кумановската фирма ИТЗ Инвестмент.
Даравелски доаѓа на местото на досегашниот 20 годишен управител и сограѓанин – бизнисменот Албион Сејдији, инаку градежник во економско-политичките кругови. Фирмата ИТЗ Инвестмент, што ќе ја води Даравелски, за неколку години колку што постои, на два пати го менувала името од Медикал прима Х Скопје и Хаб Холдинг Куманово. Нема приходи во 2023, но е поседувана од Продуктимпекс Куманово.
Истата Продуктимпекс, фирма за издавање и управување со недвижен имот, е поседувана од српската државјанка Наташа Маринков од Вршац, за која работи синот на Даравелски – Томислав Даравелски. На почетокто на годината .„Југоопрема“, чиј сопственик е Маринков, а директор Томислав Даравелски, како што известија медиумите, на аукција во Куманово купи недвижен имот на хотелите „Кристал“, приземје на поранешниот хотел „Куманово“ и помошни простории на хотелот „Ку-Ба“.
На интеренет единствено што може да се пребара за Продуктимпекс се берзански известувања, каде пишува дека склучувала зделки од стотина илјади еврa за изнајмување на простории на други правни лица. Раководните лица на Продуктимпекс се поврзани и со Козјак АД, уште една фирма која се поврзува со Даравелски и со пазарот на недвижнини.
Инаку Албион Сејдији, претходникот на Даравелски во ИТЗ Инвестмент, ја има градежната фирма за изградба на станбени и нестанбени објекти „Албион Инеженеринг“. Таму по половина е заеднички сопственик со Ридван Дервиши, членот на Советот во Општина Куманово од редовите на ДУИ. „Албион Инженеринг“ нема приходи лани, но затоа има актива од сопствени средства од 280 милиони денари (повеќе од 4,5 милиони евра).
Даравелски минатата година во феврураи се појави на Табановце, беше уапсен, но по неколку дена пуштен од притвор поради застарување на делото. Основниот Кривичен суд – Скопје ја запре кривичната постапка поради настапување на апсолутна застареност.
Министерството за правда повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.
А.К.
