
Политички пинг-понг со обвинувања за корупција: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си разменуваат тешки зборови и сомнежи за милионски злоупотреби
Скандалите со јавни набавки и тешки обвинувања за корупција повторно ја вжештија политичката сцена во Македонија. Двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштенија до јавноста се нападнаа меѓусебно, обвинувајќи се за криминал, местење тендери и злоупотреба на државни пари.
СДСМ до Тошковски: Фирма без ден искуство добила 4 милиони евра од МВР
СДСМ тврди дека Министерството за внатрешни работи доделило тендер вреден 4 милиони евра на фирма формирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот. Според партијата, министерот Панче Тошковски го прикривал случајот и не одговорил на клучните прашања поврзани со тоа како непозната фирма без искуство ги исполнила условите, доставила мостри и победила на тендерот.
„Како се дефинира квалитет кај фирма без искуство? Или квалитетот се мери по блискост и провизии?“ прашуваат од СДСМ, барајќи итна истрага од Обвинителството и поништување на тендерот.
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Дали со украдените пари си купи златна виза и стан во Дубаи?
Одговорот не доцнеше. Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ го насочи фокусот кон Венко Филипче, претседател на СДС и поранешен министер за здравство, за кого велат дека стои зад најголемите корупциски скандали во здравството. Случајот Онкологија, трагедијата во Тетово и набавките од фантом фирми, според ВМРО-ДПМНЕ, се само дел од „црниот биланс“ на Филипче.
„Дали со украдените 35 милиони евра од здравството Филипче купил акции во индиска авиокомпанија и добил златна виза?“ прашува партијата, инсинуирајќи поврзаност со инвестиции во Дубаи.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да истражи која била улогата на Филипче во, како што велат, „исцедувањето на буџетот преку криминал во Онкологија“.

