
Погреб во Македонија: Како достоинството стана престиж и луксуз
Крајот на животот има своја цена. Во Македонија, долг е списокот на основни работи што неизбежно треба да се купат за едно семејство да го испрати покојникот. Ние во овој текст ги анализираме цените само на услугите за погребувањето кои ги следат и почитуваат православните верници, пишува Блумберг Адриа.
Огласи за продавање гробни места може да се најдат речиси во секој огласник во Македонија. Цените се движат од 1.000 до 5.000 евра. Локацијата се чини е пресудна за тоа колку ќе чини гробното место. „На самиот почеток, кај борците“ или „оддалечено само 150 метри од главната капија“ се дел од описите што ги нудат продавачите на гробници.
Она што се забележува низ огласите е дека продавачите на гробници во голема мера ја креираат цената и во зависност од тоа во каква состојба е гробното место и колку е опремено. Во описот на едно гробно место што се продава по цена од 3.700 евра е наведено: „Продавам гробно место комплет, со гранитен надгробен споменик, мермерен тротоар и вазни, на премиум-локација – прв ред, веднаш спроти капелата“.