По кошаркарскиот, турски тренер ќе добие и фудбалскиот тим на Панатинаикос
Нов тренер на „детелинките“ ќе биде славниот турски стручњак и поранешен селекторот на репрезентацијата на својата земја Фатих Терим кој на фудбалот му се враќа по пауза од 15 месеци. Својот последен ангажман, тој го имаше во Галатасарај од каде си замина на 1 октомври 2022 година.
„Да, вистина е, се договорив со Панатинаикос. Се е завршено вчера, патувам за Атина и првиот тренинг ќе го одржам вечерва“, им изјави Терим на грчките медиуми.
Тој е творец на најголемиот клупски успех во историјата на турскиот фудбал откако во 2000 година го одведе Галатасарај до титулата во тогашниот Куп на УЕФА. Во својата колекција има осум шампионски титули во турското првенство, три во Купот на Турција и пет во Суперкупчот. Три пати беше и селектор на репрезентација со која стигна до полуфиналето на Европското првенство во 2008 година.