
Планетата „гори“: Пеколни температури од Пацифик до Сибир
Во светски рамки се бележи невиден топлотен бран што ја опфаќа речиси целата планета – од височините на Мексико, преку жешките долини во САД, до северните предели на Русија и Кина. Температурните рекорди паѓаат еден по еден, а научниците предупредуваат дека најтешките денови допрва следуваат.
Во Мексико, во градот Чихуахуа на надморска височина од 2.130 метри, се измерени температури од 48 степени Целзиусови, а ноќните температури не паѓаат под 24 степени. Во САД, во познатата Долина на смртта, температурите достигнаа 46,7 степени, со прогнози дека наскоро ќе надминат 49 степени.
Канада, која обично е позната по постудената клима, се соочи со рекордни 39,3 степени во Литон, што е невидено за месец јуни.
Во средоземноморскиот регион се забележуваат високи температури: Португалија (40,5 °C), Шпанија (41,5 °C), Албанија (37,6 °C) и Грција каде ноќите се со температури над 30 степени. Италија засега не е погодена од овој топлотен бран.
Во Кина, северните делови бележат историски рекорди – во Мангсиаоху е измерено 46,8 степени, а некои мерни станици регистрираа и 47,1 степени. Други градови како Турфан, Хенан и Хебеи исто така имаат температури над 40 степени.
Русија се соочува со најжестокиот и најдолг топлотен бран во својата историја, со илјадници нови температурни рекорди и температури над 38 степени дури и северно од 50-та паралела.
На јужната хемисфера, во Мадагаскар и Мозамбик, температурите се исто така алармантно високи, со најтопли јуниски денови забележани досега.
Оваа екстремна клима покажува дека сезоните и континентите сè повеќе ги губат своите традиционални граници. Планетата ја менува својата клима и човештвото мора да биде подготвено за новата реалност.