
Петровска: Проруските структури во Македонија вршеа хибридни напади за да ја обесхрабрат поддршката за Украина
Поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, во гостување на 4TV.mk се осврна на нападите со кои се соочуваше одбранбениот систем во периодот кога Македонија донесуваше одлуки за воена помош на Украина.
Таа оцени дека тогашните бурни реакции и тврдењата дека се нанесува штета на македонската армија биле дел од добро смислено хибридно дејствување.
Според Петровска, овие напади доаѓале од проруски структури кои биле присутни и во политичките партии, а чија единствена цел била по секоја цена да ги обесхрабрат поддржувачите на Украина. Таа нагласи дека таквите структури и денес и штетат на државата по многу други прашања, користејќи лични напади и пласирање невистини, особено за состојбата во вооружените сили.
Министерката појасни дека Министерството за одбрана на овие предизвици одговорило со зголемена транспарентност и отчетност. Секоја одлука била претходно комуницирана со јавноста за да се спречи простор за манипулации.
Во однос на процесот на донирање на воената опрема, Петровска потенцираше дека одлуките не биле нејзино лично решение, туку се засновале на стручни проценки. Иако политичката волја била нејзина, клучниот збор го имал Генералштабот на Армијата. Токму военото раководство ја правело крајната проценка и гарантирало дека со ниту една донација нема да се наруши борбената готовност на македонската армија.
Целата емисија во продолжение:
