
ПЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР И ДОЖИВОТНО ПРОТЕРУВАЊЕ: Изречени пресудите за помагачите во штипското убиство
Правдата ја доби својата завршница во Основниот суд во Штип. Помагачите на Кадир Кара, кои беа дел од крвавиот инцидент што го потресе градот во мај минатата година, денеска ги слушнаа своите казни. Судијката Јулијана Недкова ја објави пресудата со која тројца турски државјани се осудени на повеќегодишни затворски казни и трајно протерување од државата.
Рамазан Аџет, Селахадин Арслан и Осман Метихан-Кулдруд добија по пет години казна затвор за помагање во извршувањето на убиството на Градскиот плоштад „Слобода“. Судот не само што им ја ограничи слободата, туку изрече и ретка, радикална мерка – засекогаш им се забранува влез во Македонија.
Додека тројцата помагачи се соочуваат со долготраен затвор, четвртообвинетата во овој процес помина со казна од три месеци. Со оглед на тоа што таа веќе помина значително време во притвор и куќен притвор, судот констатираше дека нејзината казна е веќе издржана.
Овој судски процес е продолжение на случајот кој започна со признавање на вината од страна на директниот извршител, Кадир Кара. Потсетуваме, тој веќе беше осуден на 17 години затвор за убиството во штипското кафуле.
Со денешната пресуда, штипскиот суд стави точка на едно од најтешките кривични дела што се случија во изминатата година, испраќајки јасна порака дека секој облик на соучесништво во насилство ќе биде строго санкциониран.
