
Пелистер водеше со плус 19, но до победа дојде со прецизно слободно на две секунди до крајот!
Битолчани доминираа се до крајот на третиот период, во кој во еден момент имаа и плус 19 (54-35), што како премногу да ги опушти избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ. Гостите тогаш како да се разбудија, па со серија 15-4 на крајот од претпоследната и почетокот на последната четвртина намалија на минус пет (68-73), а со агресивна игра и нова серија 10-1 во последните две минути дојдоа до изедначени 88-88 на осум секунди до крајот. Гостиварци тогаш прават несфатлива лична грешка, која го испрати Андреј Магдевски на линијата за слободни фрлања на 2,1 секунди до крајот. Репрезентативецот го погоди првиот шут од оваа позиција, а искусно го промаши вториот, за да не му даде на противникот време да проба со огранизиран напад да го искористи преостанатото време.
Ова беше четврта победа по ред на зелено-белите во Првата лига, со која дојдоа до скор 9-3 и задржување на втората позиција на табелата. Јуре Планиниќ со 22 поени и седум скока беше прво име кај Пелистер, каде што Андреј Маслинко постигна 19, а Бернард 16 поени. Тајрис Вилијамс со 22 поени беше најпрецизен кај Гостивар.
Мечот во салата „Боро Чурлевски“ беше прв од 12. прволигашко коло, во кое вечерва играат уште МЗТ Скопје и Кожув.
