
Партизан не постоеше 26 минути, а потоа ја растури Олимпија Милано
Конечниот исход е неверојатен ако се знае дека безмалку три четвртини италијанскиот тим го мелеше домаќинот и од сите страни го полнеше неговиот кош. Функционираше и шутот од далечина на Олимпија Милано и на четири минути пред крајот на третата четвртина, на семафорот стоеше 45-60.
И тогаш Партизан се разбуди. До крајот на четвртината направи 16-2 за да се доближи на само еден поен негатива (61-62), а со одличната игра продолжи и во последниот период во кој не само што го комплетира пресвртот, туку дојде и до убедлива победа. Сметајќи ги само последните 14 минути од натпреварот, Партизан направи неверојатни 37-9 за седма победа оваа сезона во Евролигата и позитивен биланс (7/6).
Кевин Пантер постигна 19 поени за победничкиот тим, Бруно Кабокло додаде 16, а Зек Ледеј 15. Долго време Шевон Шилдс ја носеше Олимпија Милано, постиггна 19 поени, но не можеше сам да донесе и победа.
Реал Мадрид со максимален ефект ја помина грчката турнеја бидејќи по триумфот против Олимпијакос, денеска го совлада и Панатинаикос со 90-78, нанесувајќи му го третиот пораз во низа. Анадолу Ефес славеше на гостувањето кај Алба со 97-89 за трет триумф во последните четири кола.

