
Јовев бил разрешен поради злоупотреби во работењето, откри Меџити
Министерот за здравство, Фатмир Меџити го разрешил директорот на државна кардиохирургија, професорот Сашко Јовев затоа што службите утврдиле злоупотреба во работењето, откри тој на настан на Клиниката за ендокринологија додавајќи дека секој што ја злоупотребува функцијата ќе биде разрешен од него.
– Има злоупотреби во работењето и секој што направил злоупотреби ќе биде разрешен од моја страна. Контролите во работењето се направени пред една недела – кратко рече Меџити и додаде дека ќе излезе со конкретни информации попладне.
Доктор Сашко Јовев, кој инаку го предводеше тимот што ја изврши првата трансплантација на срце во Македонија во 2020 година, беше разрешен вчера затоа што не покажал никаков резултат.
-Веќе нема директори кои седат и спијат по 5-10 години и немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и сè друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток. Тоа е кадар на коалициониот партнер на СДСМ, тие ќе предложат друго име. Нема никој тука да биде вечно, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту директорите. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен, кажа Меџити.