Јовановиќ: Во Македонија фирми профитираат од кризата, додека 90% од народот едвај преживува
Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во емисијата Ноќно студио на 4ТВ упати жесток аларм за состојбата во македонското општество. Според него, сегашната економска ситуација е „лоша реприза“ на кризата од 2022 година, каде макроекономските бројки за раст на БДП служат само како параван за реалниот пад на животниот стандард на мнозинството граѓани.
Јовановиќ објаснува дека растот на БДП од 2% или 2,5% не е репрезентативен за квалитетот на животот на обичниот човек.
„Тој раст е резултат на зголемените профити на големите корпорации – трговците и нафтените компании. Додека 150 фирми во државата ги зголемија своите профити за над 150 милиони евра, истовремено имаме меѓу 50 и 100 илјади луѓе кои запаѓаат под линијата на сиромаштијата“, нагласува Јовановиќ.
Тој додава дека за просечниот граѓанин макроекономските статистики не значат ништо ако тој не може да го преживее месецот. Според него, инфлацијата ги погодува најсиромашните, додека елитата профитира од секој нов ценовен шок.
Аналитичарот упати тешки зборови за политичкиот естаблишмент во земјава, тврдејќи дека во изминатите 30 години политиката е претворена во алатка за лично богатење.
„Национален интерес во Македонија не постои. Политиката секогаш била бизнис и лично богатење. Не ги оправдувам политичарите, но ја разбирам нивната логика – тие работат за себе.“, вели тој.
Јовановиќ ја критикуваше сегашната власт дека реагира полошо дури и од онаа во 2022 година, овојпат со изговор дека „нема пари во буџетот“ и „целиот свет е погоден“, кревајќи раце од проблемите на граѓаните.
Она што најмногу го загрижува Јовановиќ е фактот што македонските граѓани почнале да ги прифаќаат кризите како нешто нормално. Тој вели дека токму тоа разочарување од пасивноста на народот е една од причините зошто веќе не живее во Македонија.
„Не смеете да го прифатите ова како нормалност! Гледате како во Србија студентите и граѓаните излегуваат на улици и велат ‘доста е’. Додека во Македонија не се случи таква реакција, политичарите ќе продолжат да работат само за свој интерес, а народот ќе страда од криза во криза“, дециден е Јовановиќ.
Тој потсети дека слични епизоди со висока инфлација и цени на нафтата имало и во 2007-2008 година, но дека лекциите никогаш не се научени бидејќи системот е поставен да генерира профит за малцинството на сметка на социјалниот мир кој е загрозен со децении.