Јовановиќ: Македонија не е земјоделска земја – тоа е мит, владата потфрли со мерките!
Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во гостувањето во емисијата Ноќно студио на 4ТВ, изнесе мрачни проекции за македонската економија во контекст на глобалните конфликти и инфлацијата.
Според анализите, дури и во најоптимистичкото сценарио, македонските граѓани ќе се соочат со пад на стандардот и забавување на економскиот раст.
Јовановиќ упати остра критика кон долгогодишната перцепција дека Македонија е земја која може да се прехрани самата.
„Тоа дека Македонија е земјоделска земја е чиста илузија и мит. Со децении повеќе увезуваме храна отколку што извезуваме. Веќе одамна не произведуваме доволно ниту за себе, а камоли за извоз“, истакна Јовановиќ.
Аналитичарот посочи дека Македонија не успева да го менаџира ударот врз цените на енергенсите. Тој направи споредба со периодот по почетокот на војната во Украина.
Проекциите на институцијата каде што работи Јовановиќ укажуваат дека инфлацијата годинава веројатно ќе достигне 5% (наместо предвидените 3%), што директно ќе влијае врз куповната моќ.
„Главниот ризик е што кога цените растат, реалната вредност на платите и пензиите опаѓа. Луѓето трошат помалку, фирмите инвестираат помалку, и тоа ја забавува целата економска активност. Тоа е механизмот по кој оваа криза нè погодува“, објасни тој.
Според Јовановиќ, намалувањето на ДДВ и акцизите не го спречило растот на цените. Тој смета дека владата мора итно да се фокусира на поддршка на граѓаните.
„Македонската влада речиси ништо не презема за да го лимитира овој шок. Потребни се директни мерки за поддршка на растот на платите и пензиите. Ако го немаме тоа, Македонија ќе биде погодена многу повеќе од останатите земји во регионот“, заклучи Јовановиќ, додавајќи дека во моментов Македонија се наоѓа во просекот на Источна Европа – ниту катастрофално, ниту добро, но со сериозни ризици по стандардот.