Одложено рочиштето за убиствата на Вања и Панче – Боре Видевски се наоѓа на болничко лекување!
Рочиштето во Апелациониот суд во Скопје, на кое требаше да се разгледуваат жалбите во предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска не се одржа и е презакажано за 11 мај.
Од Судот информираат дека одложувањето е поради здравствени причини, односно поради тоа што обвинетиот Боре Видевски во моментот се наоѓа на болничко лекување.
На седницата требаше да бидат разгледани жалбите на осудените Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои со првостепената пресуда добија доживотен затвор за убиствата, како и казни затвор за грабнувањата. Тие преку жалбите бараат укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење во Кривичниот суд.
Жалба има поднесено и Обвинителството, но во делот што се однесува на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски.
Според првостепената одлука, судот утврдил дека делата биле извршени со претходен план и со намера за изнуда на пари, при што обвинетите добиле по 10 години затвор за грабнувањата, а доживотен затвор за убиствата. Новото рочиште е закажано за 11 мај.