
Објавени снимки од надзорни камери: Серискиот убиец од Старо Нагоричане фатен пред куќа!
Телевизијата Телма објави видео-снимки од надзорни камери, за кои тврди дека го прикажуваат осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане.
Станува збор за двоминутно видео, направено од камера поставена на приватен објект, на кое се гледа крупен маж облечен во подолга јакна со качулка, како се обидува да ја отвори вратата од куќа. Вратата била заклучена, па лицето не успева да влезе во објектот.
Според информациите што ги објави „Телма“, куќата се наоѓа во близина на локацијата позната како Коински мост, а во неа живеела сама повозрасна жена. На снимките се забележува и временската ознака – 23 јануари годинава, во 01:54 часот по полноќ.
Жители на Старо Нагоричане, со кои разговаравме изминатиот викенд, тврдат дека токму овие снимки биле пријавени во полиција. Тие посочуваат дека, според нивните информации, полицијата не ги земала предвид како доказ, со образложение дека камерите биле поставени на приватен објект и не биле пријавени согласно законската регулатива.
