
Николоски: После години застој, денес зборуваме за реализирани проекти
По години застој и неизвесност, денес Македонија конечно зборува за реализирани и планирани проекти, порача вицепремиерот Александар Николоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање на седницата посветена на пратенички прашања.
„Се сведува на јасна линија – оваа Влада работи, за разлика од претходната која остави пустош“, изјави Николоски.
Во однос на проектите за железничката инфраструктура, тој истакна дека денешната Влада пристапува одговорно и стратешки, за разлика од претходната која, како што рече, слепо влегла во изградба на пруга од коридорот 8, без договор со соседна Бугарија и без соодветни анализи.
„Ние не дозволивме да се трошат преку половина милијарда евра на граѓаните во слеп тунел. Побаравме Бугарија да се вклучи и да инвестира во својот дел, и тие ги прифатија сите три наши барања“, рече Николоски, појаснувајќи дека се договориле за изградба на заеднички тунел, за кој се очекува финално усогласување и финансирање со грант од ЕУ.
Според него, Бугарија веќе распишала тендер за изградба на делот што недостасува, а следна фаза ќе бидат разговори со Албанија за западното крило на коридорот 8.
Во однос на меѓународната соработка, вицепремиерот посочи дека потпишувањето договор со Велика Британија е стратегиски исчекор.
„Некои очекуваа соработка со источни сили, но ние ја насочивме државата кон Западот. Со договорот со втората најмоќна економија во светот, сега имаме понуди од 16 врвни банки, што порано беше незамисливо“, нагласи Николоски.
Тој додаде дека во изминатите десет месеци се реализирале бројни капитални проекти:
Пуштање во употреба на експресниот пат Крива Паланка – Ранковце
Првата секција од пругата Куманово – Бељаковце
Експресни патишта Градско – Дреново и Фариш – Дреново
Понов мост – Гевгелија
Првите километри од автопатот Кичево – Охрид
Реконструкција на железнички возила
16 нови железнички дестинации од Скопје и Охрид
