
Несудениот тетовски инвеститор Next.e.GO во ликвидација
Next.e.Go, стартапот кој требаше да инвестира во фабрика во индустриската зона во Тетово, е ликвидиран, објавија германските медиуми. Деловното работење ќе биде прекинато и компанијата ќе биде ликвидирана.
Ликвидацијата стана неизбежна бидејќи не можеше да се најде купувач кој ќе го преземе финансирањето додека новиот модел e.wave X не биде подготвен за производство,објаснува стечајниот администратор во писмото до трговскиот магазин „kfz- betrieb“.
Во средината на март 2024 година, e.Go мораше да поднесе барање за стечај по втор пат по 2020 година. Самата компанија го наведе „неповолното пазарно опкружување“ и нестабилноста на пазарот на електрични возила.
Кога во март беше објавена неликвидноста, се уште се зборуваше за 320 вработени, од кои дел веќе ја напуштија компанијата. Според информациите на „kfz-betreib“, останатите 200 вработени треба да бидат отпуштени „во блиска иднина“.
Од дирекцијата на ТИРЗво март соопштија дека се запира извршувањето на договорот со кој требаше во Тетово да се изгради фабрика за производство на автомобили според германска лиценца.
Во август 2022 година, тогашниот вицепремиер Артан Груби, заедно со лидерот на ДУИ – Али Ахмети поставија камен-темелник за нова фабрика „Некст е.Го мобиле“, во која требаше да се произведуваат електрични автомобили.
