
Нема нови случаи на мајмунски сипаници – заразените во добра состојба, ризикот останува низок
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека двете лица кај кои беше потврдено присуство на мајмунски сипаници се во добра здравствена состојба, а епидемиолозите се во редовна комуникација со нив и со нивните контакти.
Според податоците од ИЈЗ, засега нема нови суспектни ниту потврдени случаи на ова вирусно заболување, а ниту еден од идентификуваните контакти не пријавил симптоми.
Како дел од одговорот на здравствените власти, Институтот објави препораки за граѓаните, отвори две телефонски линии за консултации и подготви водич за здравствени работници со јасни насоки за постапување во случаи на сомнеж. Водичот е веќе дистрибуиран до здравствените установи преку Министерството за здравство.
Дополнително, во наредните денови ќе се одржи онлајн обука за здравствени работници, со цел унапредување на капацитетите за рана детекција и соодветна реакција.
Од Институтот потенцираат дека ризикот од ширење на мајмунски сипаници во државата останува низок, благодарение на навремената интервенција и меѓуинституционалната координација.
Здравствените власти уверуваат дека состојбата се следи внимателно и остануваат посветени на превенцијата и справувањето со секој потенцијален ризик.