НЕ БЕГАМЕ ОД ОДГОВОРНОСТА, ИЗЛЕГУВАМЕ ПРЕД ГРАЃАНИТЕ СО ОТЧЕТ Димитриевски со порака од Гевгелија
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Гевгелија продолжи со средбите со граѓаните под мотото ‘Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија’, на кои пред јавноста го презентира сработеното во изминатите две години на своите именувани и избрани функционери и отвора директен разговор за она што е направено и постигнато за Македонија, пишува во денешното соопштение.
Пред граѓаните во Гевгелија, претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, порача дека ЗНАМ не бега од одговорноста, туку напротив, застанува пред граѓаните со отчет за сработеното и јасна визија за периодот што следува.
– Ние сме единствената политичка партија која на половина мандат излегува пред граѓаните и кажува што сме ветиле, што сме направиле и што останува да направиме. Затоа што знаеме кои сме, знаеме зошто сме влезени во политиката, знаеме што сме сработиле, знаеме што сме постигнале и знаеме каде одиме. Не бегаме од одговорноста и не се плашиме од отчетот пред граѓаните – порача Димитриевски.
Оттука, од ЗНАМ посочуваат дека политичката одговорност не завршува со изборите. Довербата не се бара само во моментот кога се гласа, таа се оправдува со работа, со резултати и со подготвеност јавно да се застане зад донесените одлуки и преземените обврски.
Димитриевски истакна дека најважно е граѓаните сами да можат да го видат резултатот од преземената одговорност и да препознаат што е направено во изминатиот период.
– Не бараме од граѓаните да ни веруваат само затоа што сме кажале дека ќе направиме нешто. Сакаме граѓаните да видат што е направено, да го почувствуваат резултатот и самите да оценат дали сме ја оправдале довербата што ни ја дадоа. Пред нас има уште работа, уште многу предизвици, но имаме јасна цел и знаеме по кој пат треба да продолжиме – потенцираше Димитриевски.
На панел-дискусијата свои обраќања имаа и координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, проф. Бобан Карапејовски, државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Надица Џерковска, и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски. Тие говореа за конкретните резултати од работата во Собранието и Владата, за донесените законски решенија, поддршката за земјоделството и македонскиот земјоделец, како и за мерките и активностите за унапредување на безбедноста на граѓаните.
По две години работа, ЗНАМ продолжува со истата обврска, да работи, да испорачува резултати и да биде меѓу граѓаните. Со јасна цел, со одговорност и со верба во Македонија.
.
Извор: plusinfo.mk