
Наунов пред судот: „Не бараме одмазда, туку правда за децата кои загинаа поради системски пропуст“
Пред Основниот суд, во пресрет на рочиштето за трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, се обрати Александар Наунов, родител на едно од децата што го загубија животот во пожарот на 16 март 2025 година.
„Денес стоиме пред судницата за да побараме правда за трагедијата што одзеде млади животи и засекогаш ги промени нашите семејства“, изјави Наунов, нагласувајќи дека обвинителниот акт содржи, како што рече, „цврсти докази дека со сторување и несторување одговорните лица придонеле за катастрофалните последици“.
Тој потенцираше дека случајот не е само прашање на индивидуална вина, туку и на системска одговорност. Според информациите со кои располагаат семејствата, објектот бил регистриран како салон за теписи, а не како угостителски објект.
„Клучното прашање е – како е издадена лиценца за вршење угостителска дејност ако објектот немал извршена пренамена? Како ги исполнувал минимално-техничките услови за кабаре, кога формално бил заведен со сосема друга намена? Кој ги потпишал тие документи, кој вршел контрола и кој замижувал? Ова не се административни пропусти – ова се пропусти што чинат животи“, рече Наунов.
Тој нагласи дека нивните деца не излегле во, како што рече, „регуларен, контролиран и безбеден угостителски објект“, туку во простор кој според документацијата имал поинаква намена. „Тоа е поразително сознание и болка што не се опишува со зборови“, додаде тој.
Семејствата, рече Наунов, не бараат одмазда, туку целосна утврдување на вистината и одговорност од сите инволвирани – од управителите на објектот до службените лица кои со потпис, пропуст или молк дозволиле незаконитости.
„Доколку системот дозволил кабаре да функционира како салон за теписи, тогаш системот потфрлил. А кога системот потфрла, цената ја плаќаат најневините“, истакна тој.
Наунов јавно го повика и Министерството за економија да одговори дали лиценцата за работа на објектот била валидна и како била издадена ако пренамената не била завршена.
Во емотивно обраќање, тој изрази револт и од одолговлекувањето на постапката. „Нема да молчиме и нема да се откажеме. Инсистираме вистината целосно да излезе на виделина и секој што придонел за оваа трагедија да понесе одговорност согласно законот“, порача Наунов.
Судскиот процес за трагедијата во Кочани продолжува, а семејствата на жртвите најавуваат дека ќе останат гласни во барањето правда и институционална одговорност.
