НАЈМНОГУ ГЛАСОВИ ВО БРВЕНИЦА ОСВОИ РАДИЧЕВСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕ Маричиќ ги соопшти првичните резултати
Според првичните резултати од предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница од обработение податоци од сите 24 избирачки места, најмногу гласови освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радичевски, соопшти вечерва на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ.
Одзивот во првиот круг изнесува 46,56 отсто.
Кандидатот Радичевски освоил 2.943 гласови, односно 38,90 отсто од гласовите.
На второ место е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ) со 2.152 гласови (28,45 %), а трет е Јакуп Хусеини од ВЛЕН со 1.528 гласови (20,20 %).
По нив следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 гласови (9,33%), независниот кандидат Душан Богдановски со 55 гласови (0,73 %) и независната кандидатка Арифе Идризи со 21 глас (0,28 %).
Претседателот на ДИК, Маричиќ, истакна дека гласањето се одвивало во најдобар ред и граѓаните непречено го оствариле своето право на глас.
Во 19 часот сите 24 избирачки места биле навремено затворени, а до ДИК сè уште не пристигнала пријава за евентуални неправилности или проблеми кои би влијаеле врз изборниот процес.
– Десет граѓани ја искористија можноста за заштита на личното избирачко право и доставија приговори до Општинската изборна комисија. Четири од доставените приговори беа усвоени, додека останатите 6 беа одбиени како неосновани – информира Маричиќ.
Според податоците од ДИК, на изборите во Брвеница правото на глас го оствариле 7.565 граѓани од вкупно 16.256 запишани избирачи во Изврирачкиот список, со што излезноста изнесува 46,56 проценти.
Регистрирани се 160 неважечки ливчиња.
Маричиќ потсети дека подносителите на листите имаат право да поднесат приговори до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно најдоцна до вторник, 20 октомври, до 19 часот. ДИК е должна да донесе одлука во рок од 72 часа од приемот на приговорот, додека конечните резултати од изборите ќе бидат објавени веднаш по завршувањето на целата постапка.
Предвремените локални избори во Брвеница се одржаа откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски.
На 1 ноември избирачите од општината во вториот круг од изборите за градоначалник ќе избираат помеѓу Стојанчо Радичевски, кандидат на ВМРО-ДПМЕ и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ).
.
Извор: plusinfo.mk