
На денешен ден пред 4 години се одржаа претседателските избори на кои победи Стево Пендаровски
На денешен ден (5 мај 2019 година) се одржаа шестите по ред претседателски избори.
На овие избори, граѓаните му ја дадоа својата доверба на актуелниот Стево Пендаровски кој пак стана петтиот претседател на државата.
Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во прв круг доколку освоел над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Бидејќи ова не се случи, се одржа и втор круг на 5 мај во кој се натпреваруваа Пендаровски и Гордана Силјановска како двајца кандидати со најмногу гласови од првиот круг.
Одзивот во вториот круг требаше да биде над 40% за гласањето да се смета за важечко. Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години.
Инаку, ова беа првите избори по стапување на сила на Преспанскиот договор со кој беше решен спорот за името помеѓу Македонија и Грција и земјата го доби новото име – Северна Македонија.
Претседателот во заминување Ѓорге Иванов, кој се противеше на договорот, повеќе не можеше да се кандидира поради уставното ограничување од најмногу два претседателски мандати.

